Тренерот на италијанскиот гигант Јувентус, Масимилијано Алегри, одлучи да ја напушти својата екипа по завршувањето на оваа сезона. Тоа е она што денес го објави весникот „Мундо Депортиво“.
Договорот на Алегри со Јувентус е до летото 2020 година, но тој има намера да си замине по оваа сезона, без разлика на нејзиниот исход. При триумф во Лигата на Шампионите, Алегри ќе постигне се во Јувентус, а при евентуален неуспех не е исклучено и раководството да го ослободи.
Токму поради тоа тој одлучил самиот да замине. Тој ја одработува својата петта година кај шампионот на Италијаи за овој период освои историски четири последователни двојни круни, а тимот играше две финалиња во Лигата на шампиони, ги загуби со 1:3 од Барселона и 1:4 од Реал Мадрид.
„Старата дама” веќе е подготвена да најде замена за Алегри. Се работи за поранешната ѕвезда на оваа екипа Зинедин Зидан, кој сега е слободен откако го напушти „Сантјаго Бернабеу“ минатото лето, освојувајќи ги сите трофеи со Реал Мадрид.
Името на француската легенда е исто така поврзано со Манчестер Јунајтед, но се претпоставува дека тој не би ја прифатил понудата од „Олд Трафорд“, бидејќи сонувал да се врати во Торино. Зидан го носеше “црно-белиот” дрес како фудбалер помеѓу 1996 и 2001 година и добро го познава клубот.

