Голманот на Ливерпул, Алисон Бекер, најверојатно нема да игра во наредните шест седмици откако претрпе повреда на мускулот за време на натпреварот со Норвич во првото коло од Премиер лигата.
Бразилецот се фати за десната нога при едно уфрлање на топката непосредно пред паузата и мораше веднаш да биде заменет со Адријан де Кастиљо. По крајот на мечот , менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп изјави дека голманот сигурно ќе го нема на распполагање за во среда кога се игра Суперкупот на Европа против Челзи, но не даде дополнителни информации.
Според весникот „Мирор“, сепак, Алисон има искинато мускул и нема да може да се врати на теренот барем до втората половина на септември. Доколку се претпостави дека е точно, Алисон нема да може да учествува на натпреварите од шампионатот против Саутемптон, Арсенал, Барнли, Њукасл и Челзи, како и во првиот натпревар на „црвените“ во групната фаза од Лигата на шампионите.