Ракометниот состав на Алкалоид преку социјалните мрежи упати благодарност до сите што дојдоа вчера во СЦ Борис Трајковски да му дадат поддршка на нашиот тим против АЕК во финалето на Европскиот Куп.
Во очекување на одлуката на ЕХФ за неодиграниот меч откако гостите од Грција одлучија да не се појават на теренот, нашиот состав излезе со посебна објава.
„Почитувана публико… ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ за Вашата поддршка која ни ја дадовте во СЦ „Борис Трајковски“. Беше убаво да се видат полни трибини, како во еден глас навиваат за нашиот клуб и даваат поддршка. За жал, не по наша вина, финалниот натпревар со РК АЕК од Атина не се одигра поради тоа што противничкиот тим не сакаше да излезе на терен и да го одигра реваншот. Нашиот клуб е во константна комуникација со ЕХФ за понатамошниот исход од дуелот и за него ќе бидете известени преку нашите официјални клупски гласила. Уште еднаш, големо БЛАГОДАРИМЕ за сите што дојдовте во сала и му ја дадовте Вашата поддршка на РК Алкалоид!“ – се вели во соопштението од Алкалод, кое е еден вид благодарност за сите ракометни фанови.

