Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти не ја криеше радоста по спектакуларното реми 4:4 против Реал Сосиедад во реваншот од полуфиналето на Купот на Кралот. Иако неговиот тим заостануваше во поголемиот дел од натпреварот, Италијанецот истакна дека не се сомневал во конечниот успех.
И покрај тоа што се квалификуваше во финалето, Анчелоти призна дека примените четири гола не е добар знак за тимот.
„Бевме сведоци на одличен натпревар, исполнет и со грешки и со многу позитивни моменти. Најважно е што ја постигнавме целта и сме во финалето. Дури и кога заостанавме, бев мирен бидејќи на „Бернабеу“ се е можно. Реал Мадрид никогаш не се предава, особено на домашен терен пред своите навивачи”, изјави Анчелоти.
Тренерот зборуваше и за некои детали во настапот на тимот:
„На моменти имавме лоша среќа. Алаба двапати ја допре топката на начин што скапо не чинеше, но такви работи се случуваат во фудбалот. Да примиме четири гола не е добро, но постигнавме исто толку. Ни недостигаше рамнотежа, но надоместивме со исклучително силен напад. Да се погоди четири пати против Реал Сосиедад не е лесно“ рече Анчелоти.
Анчелоти ги прокоментира и контроверзните судиски одлуки, особено внимание на грубиот прекршок на Јон Оласагасти над Винисиус, за кој сметаше дека требало да биде санкциониран со црвен картон.
„Мислам дека тоа беше чист црвен картон. Нема повеќе што да се каже на оваа тема. Му кажав и на Винисиус дека ќе го заменам доколку не се вклучи повеќе во одбраната. Од тој момент тој радикално го промени своето однесување и го даде максимумот. Во продолженијата беше клучен играч и асистираше за два погодоци”, заклучи италијанскиот стручњак.

