Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти беше воодушевен од победата над Селта од 4:0. Тој ги пофали своите играчи за нивната одлична изведба со која ја задржаа предноста на врвот на табелата.
„Одигравме добар натпревар, подобар од оној во средата. Беше одличен натпревар, со добар интензитет, добар ритам. Успеавме добро да го задржиме водството, не ги форсиравме работите во второто полувреме. Сè функционираше добро. Секој натпревар може да не изненади ако не се подготвиме добро за него или не го одиграме правилно. Важно е да продолжиме со нашата добра серија и да го задржиме водството на врвот на табелата“ изјави Анчелоти.
Досега Реал постигна девет гола од корнер, а не прими ниту еден.
„Вистината е дека работиме многу на овој елемент. Ги анализираме ситуациите, Давиде и Франциско работат многу на овие ситуации. Тренираме добро и играчите се внимателни на тренинзите. И конечно, имаме и класа на асистент како Лука Модриќ и стрелец како Антонио Рудигер“, додаде Анчелоти.

