Репрезентацијата на Македонија се подготвува за настап на Европското првенство (ЕП), а во рамките на овие подготовки ќе одигра два тест дуели. Првиот контролен натпревар го играме против Словенија утре во Скопје од 18 часот.
Пред овој натпревар, на прес-конференцијата зборуваше селекторот Игор Ангеловски кој истакна дека екипата е мотивирана и ќе даде сè од себе и на овие тест натпревари.
„Барди се чувствува добро, нема симптоми. Го очекуваме негативниот тест и да се приклучи на тимот. Се надевам тоа ќе биде во наредните денови. Момците работат одлично, како и секогаш досега. Македонија секогаш и во минатото тестирала со учесници на СП и ЕП. Ова се први подготовки за Македонија пред едно ЕП, а Словенија е квалитетна и ќе биде одличен спаринг партнер. Одигравме два натпревари со нив и очекувам добар натпревар. Како што ги следиме ние, така не следат и противниците нас. Многу добро ме познавате, долго сме заедно и имаме разработено неколку формации. Во зависност од противникот ќе одлучиме со која формација ќе играме.
Се радуваме сите што ќе има навивачи на трибините, сепак фудбалот се игра за навивачите. Чувствуваме позитивна трема, очекуваме да се наполни максимум колку што е дозволено. Очекуваме утре нашите фанови да ни ја дадат целата поддршка која не можеа да ја пружат во изминатиот период. Овие момци заслужија и очекувам добра атмосфера утре. Овие два натпревари ќе ги искористиме како подготовка. Сепак, јас не сум тренер што сака премногу да експериментира. Ќе ги искористиме натпреварите, а сите се спремни да дадат максимум. Сè што се игра, се игра за победа, па така ќе биде и утре“, изјави селекторот Ангеловски.
Натпреварот Македонија – Словенија на Националната арената „Тодор Проески“ е закажан за утре со почеток од 18:00 часот.

