Селекторот на фудбалската репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски денеска на прес-конференција го објави списокот со повикани фудбалери за натпреварите од Лига на Нации против Лихтенштајн (13. октомври, Национална арена „Филип Втори“) и Ерменија (16. октомври, „Вазген Саргсјан“).
На изборот нема поголеми промени од септемвриските дуели со Гибралтар и Ерменија, освен повратниците Аријан Адеми и Ферхан Хасани. На листата се најдоа 21 фудбалер кои ќе конкурираат за првиот избор.
„Ова е стандарден список на репрезентацијата во кој имаме три имиња со кои ќе ја зголемиме конкуренцијата. Очекувам максимално подготвени да влеземе на оној прв ме. Сите погледи се на тој меч, па потоа ќе мислиме за следниот дуел. Фаворити сме на дуелот со Лихтенштајн и нема да бегаме од тоа. Очекувам максимален сериозен пристап од фудбалерите и очекувам да го добиеме првиот меч“, изјави селекторот Ангеловски.
Собирот на македонската репрезентација во пресрет на октомвриските дуели против Лихтенштајн и Ерменија е закажан на 8 октомври.