Македонската фудбалска репрезентација денес се враќа во Скопје каде ќе треба да ги направи последните подготовки за средбата со Израел која се игра во вторник. По вчерашниот пораз од Австрија , селекторот Игор Ангеловски на прес-конференцијата започна со анализа на натпреварот и дебитантскиот погодок на Влатко Стојановски.
„Одигравме квалитетен натпревар. Австрија доминираше во првиот дел, а ние дозволивме да примиме погодок кој во никој случај не смеевме да го примиме на тој начин. Во вториот дел се ослободивме од притисокот, бевме подобри од противникот, а потоа направивме две-три шанси за гол, но за жал не ги искористивме. Што се однесува до Влатко Стојановски тој ја оправда шансата која што ја доби, а тоа беше случајот и со останатите дебитанти“, рече Ангеловски.
Ангеловски се осврна и на проблемите кои ги имаше пред и на самиот натпревар.
„ Се надевам дека овој кошмар за нас ќе заврши, малку ни беа повредените играчи, па дополнително Трајковски и Младеновски побараа замени заради иста причина. Препораката за Пандев беше дека подобро е да одмори, бидејќи неговата ситуација можеше да се влоши. Немаше причина да правиме таков ризик. Сите што добија шанси коректно си ја завршија работата. Што се однесува за дуелот со Израел, сите фудбалери посакуваат да победиме и да бидеме на трето место во овие квалификации, мислам дека ќе биде штета доколку со овие игри кои ги покажаа фудбалерите не го освојат барем треттото место, тие то аго заслужуваат и за тоа ќе се бориме на мечот против Израел“, заврши Ангеловски.

