Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, на прес-конференцијата по натпреварот против Лихтенштајн (5:0) даде свое мислење околу самиот натпревар и истакна дека е задоволен од убедливиот триумф, а истовремено од друга страна нашиот национален тим успеа да заштеди сили за следната средба.
„Се оствари тоа што го предвидувавме, запишавме висока победа. Секогаш е тешко да се победи убедливо, против било кој противник во денешниот фудбал. Победата не беше доведена во прашање во ниту еден момент. Првата цел беше да запишеме поубедлива победа, а втората да не ги исцрпиме фудбалерите и да може да ја сочуваме свежината за пресметката со Германија. Задоволен сум од реализацијата, иако можеше уште некој гол да дадеме“, изјави Ангеловски.
Наш следен предизвик ќе биде фаворитот во нашата група, Германија со која ќе играме во сред во Дуизбург.

