Македонската фудбалска репрезентација денеска ги започнува подготовките за последните два меча во првата фаза во Лигата на нации. На 13 октомври ќе бидеме домаќини на Лихтенштајн а три дена подоцна ќе гостуваме кај Ерменија. Селекторот, Игор Ангеловски, мислите ги засочува само кон првиот противник.
„Мора да влеземе максимално сериозно на натпреварот против Лихтенштајн. Имаат седум до осум нови млади фудбалери. Не очекува решавачкиот дел од Лигата на нации и треба да го зачуваме победничкиот ритам“ – потенцираше Ангеловски со потврда, дека Иван Тричковски се соочува со повреда и дека ќе оди на дополнителни лекарски испитувања.
Ќе потсетиме дека мечот со Лихтенштајн ќе се одигра на специфичен датум за мак-фудбалот бидејќи токму на 13 октомври пред 25 години, Македонската репрезентација го одигра првиот официјален меч и тоа во Крањ на теренот на Словенија.