Македонската фудбалска репрезентација ја очекуваат два значајни меча во квалификациите за Европското првенство. Прво ќе бидеме домаќини на Словенија а потоа ќе одиме на теренот на Полска. Селекторот на А-репрезентацијата, Игор Ангеловски,фокусот го става на средбата со Словенија во Скопје.
„Прогнозите за Барди се остварија, изгубивме уште еден член. Ќе го немаме и суспендираниот Бејтулаи за првиот меч, затоа се одлучив да повикам двајца нови фудбалери. Столиов долго време игра во нашата лига, тој е лидер на Академија Пандев. Што се однесува до Младеновски, на само 19 години одигра на врвно ниво на дербито со Шкендија. Верувам дека со максимална борбеност и дисциплина да дојдеме до нашата заедничка цел и да го добиеме натпреварот со Словенија. Toa е одлична репрезентација, Први ѕвезди им се Облак и Иличич, делуваат добро против Полска и Израел“ – изјави Ангеловски пред дуелот Македонија и Словенија кој е закажан за 10 октомври во Скопје. Во тој правец размислува и Стефан Ристовски.
„Позитивна работа е што уште сме во игра за второто место, но прво треба да се насочиме на мечот со Словенија. Не знам колку сум подготвен, имав само една недела тренинг и ветувам дека ќе помогнам колку што можам. Ако сакаме добар резултат мора да го покажеме тоа на терен“ – вели Ристовски.