Напаѓачот на Наполи, Аркадиуш Милик, ова лето сака да се пресели во Атлетико Мадрид, тврди „Кориере дело Спорт“.
Од Атлетико Мадрид имаат интерес за Полскиот интернационалец и најновата информација е дека тој исто така има желба да се пресели на „Ванда Метрополитано“. Милик има договор со Наполи само уште една сезона, а засега одбива да го продолжи. Ова значи дека од Наполи сериозно ќе размислат за да го продадат сега за да не го пропуштат следната година како слободен играч. Дури се верува дека од Наполи се подготвени да ја намалат цената на играчот, што е околу 40 милиони евра. Сепак, проблем може да биде платата на играчот, што е 5 милиони евра по сезона.
Милик беше доведен во Наполи од Ајакс во 2016 година за 32 милиони евра, но во првите две сезони имаше повреди и не успеа да го потврди својот потенцијал. Оваа сезона, напаѓачот започна да покажува што може и е водечки стрелец на клубот со 9 гола на 16 одиграни натпревари во Серија А.