Арсенал го објави своето прво ново засилување откако Унаи Емери го замени на менаџерската позиција Арсен Венгер.
Тоа е 34-годишниот десен бек Стефан Лихтштајнер кој пристигнува на „Емирати” со слободен трансфер од Јувентус.
Швајцарецот, кој ја освои титулата во Италија во последните неколу сезони со тимот од Торино, ќе игра во дресот со број 12 во Арсенал. Последниот кој го носеше овој број во Арсенал беше Оливие Жиру.
„Стефан ќе донесе огромно искуство и лидерство во нашиот тим. Тој е играч со одлични квалитети и многу позитивен став. Стефан ќе не направи подобри како на теренот, така и надвор од него”, изјави Емери за клупскиот сајт.
„Ова е голем момент. За мене е одлично по Јувентус што доаѓам во Арсенал, сакам да се соочам со голем предизвик да направам битни работи со овој голем клуб. Тука има проект насочен кон тоа клубот да се врати во Лигата на Шампионите. Мислам дека е тешко да гледаш како Арсенал не игра во ова натпреварување. Ако се погледнат играчите, клубот, стадионот … тоа е огромна можност да се вратиш на највисоко ниво. Унаи Емери е одличен тренер, кој има освоено многу трофеи, особено во Лига Европа каде што ќе играме оваа сезона”, додаде Лихтштајнер.