Арсенал е блиску до договор за продолжување на соработката со Деклан Рајс, кој би требало долгорочно да остане на „Емирати“.
Менаџерот Микел Артета е оптимист дека англискиот репрезентативец ќе ја продолжи кариерата во Лондон, а преговорите се очекува наскоро да бидат финализирани.
Според најавите, Рајс ќе добие значително зголемување на платата, која би можела да достигне 350.000 фунти неделно. Со тоа би се изедначил со Букајо Сака како најплатен фудбалер во тимот.
„Моето чувство е дека тој е многу среќен тука. Покажува желба долгорочно да остане дел од клубот. Прашање е на време кога ќе ја решиме ситуацијата“, изјави Артета.
Рајс пристигна во Арсенал од Вест Хем во 2023 година за 105 милиони фунти и брзо се наметна како еден од клучните играчи на тимот.
Неговиот актуелен договор истекува во 2028 година, со опција за продолжување за уште една сезона.

