По две одбиени понуди, Челзи конечно се согласи да го продаде Каи Хаверц на Арсенал. Ова се случи по третата понуда на „топчиите“ која е во висина од 60 милиони фунти плус бонуси. Според Фабрицио Романо, бонусите треба да бидат во висина од 5 до 7,5 милиони фунти.
Првите две понуди на Арсенал беа за 50 милиони фунти и 55+5 милиони фунти во бонуси. Самиот Каи Хаверц одамна се договорил за неговиот личен договор. Така германскиот интернационалец станува уште еден играч на „Стемфорд Бриџ“ кој летово ги пакува куферите. Н’Голо Канте (Ал-Итихад) веќе го напушти клубот, а прашање на часови се Матео Ковачиќ (Манчестер Сити), Хаким Зиеш (Ал-Насер), Калиду Кулибали (Ах-Хилал) и Едуард Менди (Ал. – Ахли). Најверојатно ќе замине и Пјер-Емерик Обамејанг.
Челзи го ангажираше Каи Хаверц во летото 2020 година од Баер Леверкузен за 80 милиони евра. Веќе во првата година, тој го предводеше тимот до триумф во Лигата на шампионите, постигнувајќи го победничкиот гол во финалето против Манчестер Сити.