Микел Артета беше прогласен за менаџер на месецот во септември. Во периодот за кој станува збор, неговиот Арсенал забележа три победи од три средби во елитата, меѓу кои е онаа со 3:1 над Тотенхем во градското дерби. Останатите две победи беа со 1:0 над Норич и Барнли.
„Оваа награда го потврдува фактот дека во тешките времиња сите бевме едно, работевме заедно и бевме позитивни“, рече Артета.
Поранешниот асистент на Пеп Гвардиола во Манчестер Сити станува шестиот Шпанец што ја заслужил оваа награда во Премиерлигата. Пред него тоа беа Рафаел Бенитез, Роберто Мартинез, Кике Санчез Флорес, Пеп Гвардиола и Хави Гарсија.

