Бразилскиот напаѓач Каиуби и австрискиот дефанзивец Мартин Хинтерегер биле информирани денес од раководството на Аугсбург дека се слободни да си бараат нов тим, а тоа било дел од санкциите кои им се наметнати.
Досега првиот беше отстранет од тренинзите, бидејќи задоцни сериозно за почетокот на зимските подготовки. Хинтерегер пак беше казнет со сериозна финансиска казна, бидејќи си дозволи да го критикува јавно тренерот Мануел Баум.
И за двајцата е потврдено дека ќе продолжат да тренираат одделно од главната група и ќе се обидат преку менаџерите да најдат нови тимови до четврток, кога се затвора јануарскиот трансфер период.
Хинтерегер пропуштил само една средба досега во Бундеслигата оваа сезона, а Каиуби одигра 14 натпревари од 19 поминати кола. Тие беа меѓу најважните играчи на тимот.
Денес, во Аугсбург се појавил Јенс Леман, кој беше помошник на Арсен Венгер на Арсенал. Тој ќе биде дел од тимот кој ќе работи заедно со Баум, кој се обидува да избори опстанок по серија лоши резултати, што ги однесе на 15 место на табелата.