Германскиот клуб Аугсбург објави раскин на договорот со тренерот на тимот Енрико Маасен.
„По првите седум натпревари и поразот на домашен терен од Дармштад, одвоивме време да ја оцениме моменталната спортска ситуација и развојот на нашиот тим. По отворените разговори со Енрико Маасен, сметаме дека треба да го смениме главниот тренер. И покрај сета нивна решителност и напорна работа, Енрико и тимот не можеа да го променат трендот и да постигнат успех на теренот“, изјави спортскиот директор Маринко Јурендиќ за официјалната веб-страницата на клубот.
„Нормално, разочаран сум од оваа одлука, бидејќи сум убеден дека заедно можеме да ја промениме ситуацијата. Благодарен сум на Аугсбург и на управата на клубот што ми ја дадоа можноста да бидам тренер во Бундеслигата. На клубот му посакувам се најдобро во иднина и се надевам дека темелите што ги поставивме заедно ќе помогнат да постигнат успех“, рече Маасен.
До назначувањето на нов тренер, тимот на привремена основа ќе го води главниот тренер до 23 години, Тобијас Штробл.
Сезонава по седум натпревари Аугсбург е на 15. позиција во германската Бундес лига со пет бода.

