Баерн (Минхен) се договори со Филипе Кутињо да ја продолжи позајмицата до крајот на сезоната во Лигата на шампионите, објави германскиот „Скај Спортс“.
Играчот од средниот ред го пропушти најголемиот дел од натпреварите поради повреда, а воопшто не успеа да се наметне во тимот, поради што Баварците се откажаа од опцијата да го купат. Неговиот договор истекува на 30 јуни и тој треба да се врати во Барселона.
Сепак, шампионот во Бундеслигата ќе ја искористи можноста да го продолжи договорот за позајмица до завршувањето на Лигата на шампионите, што ќе се случи во август. Самиот Кутињо ја даде својата согласност, а тоа го сторија и од „Камп Ноу“. Баварците се сигурни четвртфиналисти во ова натпреварување, откако пред реваншот од осминафиналето имаа предност од 3:0 против Челзи.
Претходно денес, поранешниот играч на Ливерпул го имаше својот прв тренинг со останатите соиграчи, откако се опорави од повредата. Баерн Минхен можеше да го купи Кутињо за 120 милиони евра, но тоа нема да го сторат.