Напаѓачот Хари Кејн најверојатно ќе биде надвор од терените за германскиот фудбалски клуб Баерн Минхен до крајот на декември, изјави тренерот на тимот, Винсент Компани.
Капитенот на Англија заработи истегнување на тетивата во саботниот натпревар со Борусија Дортмунд (1:1), но има мали шанси да се врати во последниот натпревар од календарската година.
„Тешко е да се каже колку долго ќе биде надвор од теренот. Има шанси да игра оваа година, но дефинитивно ќе пропушти неколку натпревари. Не можеме директно да го замениме со друг играч, бидејќи тој е единствен во својот вид. Ќе најдеме поинаков пристап и нема да ни недостига класа“, рече Белгиецот.
Баерн викендов му гостува на Хајденхајм во Бундеслигата, по што Баварците имаат натпревар од Лигата на шампионите против Шахтјор Доњецк и средба со Мајнц на 14 декември. Последниот натпревар на Баерн пред зимската пауза во Бундеслигата е против РБ Лајпциг на 20 декември.

