Главниот тренер на Баерн Минхен Ханзи Флик изјави дека Леон Горецка и Никлас Зуле имале проблеми со мускулите по првиот натпревар од четврт-финалето во Лигата на шампионите против ПСЖ, додека Хернандез имал модринка по еден удар.
„Сакаме да го добиеме натпреварот против Унион Берлин, но тоа ќе биде тешко. Трите бода се наша главна цел”, рече Флик.
Тој се надева дека Горецка и Хернандез ќе се опорават за реваншот против ПСЖ во вторник, каде Баерн ќе мора да ја надополни негативата по поразот на домашен терен со 2:3.
„Проблемите на Леон не се толку големи како оние на Никлас. Зуле веројатно ќе го пропушти реваншот против ПСЖ. Треба да почекаме и да видиме како ќе се развиваат работите“, рече Флик.
Крилниот напаѓач Лерој Сане и дефанзивецот Бенжамин Павар денес имаа само „лесен тренинг за трчање“ и веројатно ќе можат да играат против Унион Берлин. Ѕвездата на тимот Роберт Левандовски продолжува да ја лекува повредата на коленото, додека Серж Гнабри неодамна беше позитивен на коронавирус.