Српскиот напаѓач Лука Јовиќ, кој од минатата недела веќе официјално е во сопственост на Ајнтрахт (Франкфурт), не е во траснферните планови на Баерн (Минхен).
Младиот голгетер постојано е поврзуван со голем број европски гиганти, меѓу кои и баварците, но по информации на некои медиуми во Германија, до ваквиот трансфер нема да дојде.
Според истите извори на „Алијанц Арена” не се заинтересирани за Јовиќ, бидејќи во моментов раководството на Баерн не гледа потреба за засилување во нападот на клубот. Роберт Левандовски игра уште една добра година во нападот на минхенскиот тим – за 29 натпревари тој постигна 21 гола во Бундеслигата и е асистираше за 7 други погодоци.
21-годишниот Јовиќ од своја страна ја игра својата најдобра сезона како професионален фудбалер, тој само во Бундеслигата има 17 погодоци и 5 асистенции во 28 натпревари. Младиот играч кој потекнува од Црвена Ѕвезда стана најмладиот фудбалер кој постигнал 5 гола во еден натпревар од првенството на Германија, а во сите натпреварувања реализираше 25 гола.
Со негова помош Ајнтрахт Франкфурт се претставува одлично оваа сезона и во моментот е на четвртата позиција во германското првенство, а во Лига Европа се пласираа во полуфиналето, каде за противник ќе го имаат Челзи.