Македонија ја очекува тежок натпревар со Ерменија, а нашиот репрезентативец Енис Барди очекува да одиграат како тим, затоа што тоа е единствениот начин да се дојде до победа која ќе ги задржи шансите на нашата репрезентација за второто место во групата од овие квалификации за Светското првенство во Катар следната година.
„Наша задача е да бидеме концентрирани на нашата игра. Деталите решаваат на секој меч во овие квалификации, но најважно за нас е да знаеме што бараме од овој дуел. Мора да одиграме како тим за да стигнеме до посакуваната цел. Можеби по Европското првенство очекувањата се поголеми, но мое мислење е дека треба да одиме од натпревар во натпревар. Имаме нов селектор, нов начин на работа и доста нови играчи. Не мислам дека досега одигравме лошо, еден или два натпревари не ја даваат вистинската слика за квалитетите. Во селекцијата има неколку нови играчи и секако дека на сите ни треба малку време за да се воиграме. Фудбалот не е математика или нешто слично. Најважно е сите да го дадеме максимумот, тоа е клучот. Утре треба да влеземе мотивирани за победа и сите заедно да бидеме целина која што тешко ќе може да се пробие“, истакна Барди.

