Македонската фудбалска репрезентација од вчера е во Букурешт, каде што ќе ги има завршните подготовки и в недела ќе го игра дебитантскиот натпревар на Европското првенство против Австрија.
Пред заминувањето за Романија , Македонија се комплетираше со Енис Барди кој конечно се врати во тимот по поминатат изолација поради позитивен ковид-19 тест.
„Се чувствувам добро немам здравствени проблеми. Во моментот кога бев изолиран тренирав сам и ја одржав формата. Подготвен сум за овој момент и физички и психички како и сите други фудбалери. Едвај чекаме да почне првенството и првиот натпревар против Австрија. Секој ги чека овие натпревари комплетно спремен. Нам ни останува само да тренираме и да дадеме максимум. Тоа што го доживеав на младинското Европското првенство е нешто незаборавно. Сепак, ова се е различно. Ние не дојдовме тука за да бидеме аутсајдери и да се задоволиме само со учество. Македонија многу пати докажа колку вреди и колку квалитетни играчи има. Ова првенство ќе ни помогне, цел свет ќе дознае дека во Македонија се игра одличен фудбал. Ние го живееме сонот. Треба да одиме од натпревар во натпревар и да веруваме дека можеме да ја минеме групата. Најважно е што сме здрави и јас ви ветувам дека ќе бидам подготвен за секоја минута на турнирот, исто така ќе уживам во секоја минута помината на терен“ изјави Барди на денешниот брифинг.

