Во пресрет на денешниот дуел со Ерменија, еден од нашите интернационалци во Шпанија, Енис Барди, зборуваше за шансата на генерацијата да стигне до едно големо натпреварување.
„Лигата на Нации ни овозможува шанса да направиме успех со А-репрезентацијата на Македонија и да се обидеме да се пласираме на Европско првенство. Тоа е резултат за кој сите ние сонуваме и пласман кој досега не сме го направиле со најдобриот состав. Реално, имаме противници кои се послаби од нашата репрезентација, но во модерниот фудбал тоа не значи многу. Мораме да бидеме паметни, концентрирани во секоја минута од секој натпревар и да не води само една цел, а тоа е пласманот на Европското првенство. Веруваме во себе, верувам во моите и квалитетите на соиграчите во тимот и ќе дадеме се од себе да го освоиме првото место во групата и да се пласираме во следната фаза од Лига на Нации“, вели Барди.
Македонија вечерва од 18 часот на Националната арена „Филип Втори“ го игра дуелот со Ерменија, кој треба да биде и клучен дуел во битка за првото место во групата.