Капитенот на нашата репрезентација, Енис Барди повторно покажа дека е вистински мајстор за слободни удари. Со негово фудбалско ремек-дело од далечина и донесе предност на Македонија и ја најави победата над Ерменија во второто коло од новата сезона во Лигата на нации (2:0).
По средбата нашиот капитен беше среќен за трите бода и им се заблагодари на навивачите кои дојдоа да им дадат поддршка.
„Оваа победа е посебна. Игравме со црвен картон, но поправиме некои ситници и фала на Господ стигна победата. Мислам дека победата е заслужена. Фала на публиката за поддршката.
Оваа селекција има многу квалитетна група на играчи, но посебно квалитетни луѓе. Тоа е многу важно во животот. Лошо ја започнавме сезоната, но може тоа ќе биде клучно за да завршиме први во групата. Зборувавме многу во соблекувалната, ги сфативме и прифативме критиките и само вака да продолжиме“, изјави Барди по мечот.
Македонија по две кола е прва на табелата со четири бода, Ерменија е втора со три, а толку има и Летонија, додека Фарски Острови е последен со еден бод.

