Серхи Бархуан и официјално седна на клупата на Барселона, само еден ден откако Роналд Куман доби отказ, а новиот тренер веќе беше претставен пред каталонската јавност.
Претседателот Жоан Лапорта верува дека тимот токму под водство на Бархуан ќе успее да се врати на победите во Ла Лига, а привремениот стратег својата прва шанса за тоа ќе ја има викендов, каде го очекува мечот со Алавес.
„Најпрво би сакал да му се заблагодарам на клубот за довербата. Второ, сакам да му се заблагодарам на Куман затоа што работевме рамо до рамо сите овие месеци. Доаѓам во тежок момент. Ми се допадна како работевме денес. Мора да се обидеме да се поврземе, што е тешко. Мораме да бидеме обединети. Јас сум победник и сите треба да ја свртиме ситуацијата. Утре мора да победиме на мечот со Алавес“, рече Бархуан.
Серхи Бархуан е привремено решение на раководството на Барса, а според медиумите во Каталонија многу веројатно е дека нов тренер на каталонскиот гигант ќе биде легендата на оваа екипа Чави Хернандез.