Раководството на Барселона постигна договор со легендата на тимот Чави, кој ќе го води тимот, пренесуваат медиумите во Шпанија. Тој важи за главен фаворит за замена на Роналд Куман, кој доцна синоќа доби отказ. Холанѓанецот беше разрешен од функцијата по двата последователни порази во првенството од Реал Мадрид во „Ел Класико“ и вчера од Рајо Ваљекано.
Сепак, медиумите во Шпанија информираат дека Чави ќе разговара со сопствениците на Ал-Сад и дури е подготвен да остане на чело на следните две средби на катарскиот тим, по што и официјално ќе си замине. Во договорот на поранешниот играч од средниот ред има ослободителна клаузула вредна околу 1 милион евра, но тој се надева дека шеиците ќе направат компромис и ќе го ослободат без пари.
Во меѓувреме, италијанскиот новинар Фабрицио Романо, исто така, на својот Твитер профил потврди дека Каталонците почнале разговори со Чави пред неколку недели, но дека денеска ќе започнат официјални разговори меѓу трите страни – тренерот, раководството на Ал Сад и Каталонците за да стигнат конечна одлука. Барселона, привремено ќе биде предводена од Серхи Берхуан, кој моментално го предводи вториот тим на Каталонците.