Претседателот на Барселона Хосеп Марија Бартомеу синоќа поднесе оставка пред гласањето за недоверба што треба да се одржи следниот месец, откако околу 20 000 навивачи потпишаа петиција со која бараа негова оставка. Оставка поднесе и останатиот дел од бордот на директори.
57-годишниот Бартомеу се соочи со зголемено незадоволство во текот на изминатата година како резултат на влошената финансиска состојба на клубот и слабите резултати на екипата, што кулминираше со пораз од 2:8 од Баерн Минхен во четвртфиналето на Лигата на шампионите во август.
Бартомеу е сериозно критикуван откако првата sвезда Лионел Меси побара трансфер во текот на летото, а приврзаниците побараа оставка од претседателот. Бартомеу се обиде да ја убеди каталонската влада да го одложи гласањето за недоверба поради пандемијата на коронавирусот.
Бартомеу во својот говор ја нарече одлуката на владата како неодговорна, му се заблагодари на клубот и рече дека не можел да поднесе оставка порано.
„Најлесно беше да си дадам оставка по поразот од Баерн Минхен, но мораше да се донесат одлуки кои треба да ја поправат ситуацијата по невидената глобална криза“, рече Бартомеу.
„Кој би гарантирал дека Меси ќе остане? Кој би ангажирал нов тренер?” рече Бартомеу, кој ја презеде функцијата во Барселона од Сандро Росел во 2014 година.
Меси побара да го раскине договорот во август, но на крајот реши да остане за оваа сезона бидејќи не сакаше да влезе во судска битка со клубот.
Откако ја смени одлуката да си замине, Аргентинецот продолжи да го напаѓа Бартомеу во интервју во септември, кога раководството на клубот го опиша како „катастрофа“. Тој исто така ја критикуваше Барселона за третманот кон Луис Суарез, кој го напушти клубот и се пресели во Атлетико Мадрид.

