Претседателот на Барселона, Жозеп Бартомеу потврди дека нов тренер на тимот ќе биде Роналд Коман. Официјалното назначување на Холанѓанецот сè уште не е објавено, но сепак е само формалност.
„Сите медиуми пишуваат за тоа. Ако работите одат онака како што сакаме, Куман ќе го предводи тимот и ќе го објавиме тоа. Ние се одлучивме за него затоа што многу добро го познаваме”, призна Бартомеу.
Барса ќе мора да плати помеѓу 4 и 5 милиони евра на Холандската фудбалска федерација како компензација за раскинување на договорот на Куман како селектор.
Според некои извори, токму ова е причината што поранешниот дефанзивец на Барселона сè уште не е официјално назначен за тренер на Барселона. Ова се очекува да се случи утре, а презентацијата на Куман пред медиумите е закажана за во четврток.
Барселона го отпушти Кике Сетиен по срамниот пораз од 2:8 на Баерн (Минхен) во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Каталонскиот гигант ја заврши сезоната без ниту еден трофеј, откако беше втор во Ла Лига зад Реал Мадрид и беа елиминирани од Атлетик Билбао во Купот на кралот.
