Англискиот фудбалски состав Тотенхем потврди дека Муса Дембеле ќе ја продолжи кариерата во шампионатот на Кина во екипата на Гванжу Евергранде.
Популарните „спарси“ ќе добијат за 31-годишниот Белгиец околу 11 милиони фунти што е многу поволно ако се земе в предвид возраста на фудбалерот чиј договор истекува во текот на наредното лето. Дембеле не игра за Тотенхем од ноември поради повреда на зглобот. Тој во 2012 година беше купен од екипата на Фулам. Досега има одиграно 250 натпревари во сите конкуренции.
Дембеле првично отиде во Кина со намера да му се приклучи на составот на Пекинг Гуан но, откако преговорите со тој тим не вродија со плод, Белгиецот успеа да се договори со челниците на Гванжу Евергранде.