Карим Бензема постигна два гола за Реал Мадрид во поразот од Манчестер Сити со 3:4 во првото полуфинале од Лигата на шампионите и се најде на врвот на листата на најдобри стрелци во ЛШ за оваа сезона.
Францускиот интернационалец од почетокот на сезоната во ЛШ веќе постигна 14 гола и го надмина Роберт Левандовски од Баерн (Минхен), кој остана со 13 гола, а неговиот тим веќе е елиминиран.
Бензема е незапирлив во фазата на директни елиминации. Тој постигна три гола против Пари Сен Жермен и четири против Челзи, а синоќа додаде два гола против Манчестер Сити. На третото место меѓу најдобрите стрелци во Лигата на шампионите е Себастијан Алер од Ајакс со 11 прецизни удари, но неговиот тим е надвор од конкуренција. Четврти со 8 гола е Мохамед Салах од Ливерпул.
Бензема во целата своја кариера има 85 гола во Лигата на шампионите, а повеќе од него имаат само Кристијано Роналдо (140), Лионел Меси (125) и Роберт Левандовски (86).