Селекторот на македонската фудбалска репрезнетација, Игор Ангеловски, денеска го имаше првиот собир со репрезентативците во пресрет на дуелите со Летонија и Словенија во циклусот квалификации за ЕП 2020 година. На брифингот со новинарите, тој истакна дека Македонија нема да бега од фаворитската улога на дуелот в четврток со Летонците.
„Добро знаеме што не очекува во неделава која ни претстои. Сконцентрирани сме на Летонија со цел да стартуваме со три бода во новите квалификации. За жал Спировски и Тричковски нема да ни помогнат, и им посакувам брзо опоравување. Нема да повикувам други фудбалери, освен ако некој не се повреди на престојниот меч“, изјави Ангеловски.
За селекцијата на Летонија вели дека е комбиниран тим од интернационални и домашни фудбалери.
„Имавме доволно време да направиме анализа на противникот. Фаворити сме, и не бегаме од тоа и покажавме во Лигата на нации што можеме.“
Македонија на 21 март дома ќе се ги одмери силите со Летонија, а на 24 март пак ќе и гостува на Словенија. Ова се првите два меча од „Г“ квалификациската група за пласман на ЕП 2020 година.