Звонимир Бобан, кој беше директор на УЕФА , ја напушти организацијата, објави прес-службата на УЕФА.
Според објавеното двете страни одлучиле да ја прекинат соработката со меѓусебен договор. Звонимир Бобан се приклучи на УЕФА во 2021 година и го иницираше создавањето на неколку важни проекти за технички развој, вклучително и Фудбалскиот совет на УЕФА и Младинскиот фудбалски форум.
Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) изрази благодарност до господинот Бобан за посветената работа и му посака многу среќа во понатамошната кариера.
Бобан вели дека е разочаран од идејата на Чеферин да протурка промена на статутот на УЕФА, само за да може да добие уште еден претседателски мандат, нешто што во моментов не е возможно поради ограничувањата предвидени со статутот, а за да се спречи долго владеење на ист претседател.
„Разговарав со претседателот на УЕФА за проблемот што се случи на последниот состанок на Извршниот комитет на УЕФА во Хамбург. Станува збор за предлог за измена на статутот на УЕФА за да му се овозможи на Александар Чеферин, на следниот Конгрес во Париз, да добие нова кандидатура по овој мандат, кој требаше да му биде последен. Откако ја изразив мојата најголема загриженост и моето целосно несогласување со методот и самиот предлог, претседателот ми одговори дека за него нема правен или морално-етички проблем – и дека без никакво сомневање ќе продолжи со оваа, според мене, катастрофална идеја“ изјави Бобан.
Да напоменеме дека од 2016 до 2019 година Звонимир беше заменик генерален секретар на ФИФА, а потоа работеше како клупски менаџер во италијански Милан.