Европски младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025 ќе се одржи во Македонија од 20 до 26 јули. За подготовките околу најголемиот спортски настан во државата досега, разговаравме со Извршниот директор на ЕМОФ, Александар Богоевски.
„Деновиве ќе организираме семинар на кој претставниците од 48 делегации ќе имаат можност да се запознаат со градовите-домаќини, спортските објекти и целокупната организација. В сабота ќе организираме и хуманитарен меч во баскет 3х3. Влегуваме во завршната фаза од подготовките за големиот настан кој треба да донесе бенифит за Македонија и за Скопје од економски и туристички аспект“ – вели Богоевски во гостувањето на програмата на Спортско радио 90,3 ФМ.
„Настанот ќе обедини преку 4.200 млади спортисти, тренери, официјални лица од тимовите и околу 900 волонтери. Ќе имаме натпревари во 15 спортски дисциплини во Скопје, Куманово и Осиек. Во соработка со Олимпискиот комитет на Хрватска, настаните во гимнастиката ќе се реализираат таму додека сите други спортови ќе бидат во нашава земја“ – нагласи Богоевски во интервјуто за Спортско радио 90,3 ФМ кое може да го проследите на следниот ЛИНК.

