Борусија (Дортмунд) ќе се согласи да го продаде Џејдон Санчо по завршувањето на сезоната за сума од околу 100 милиони евра.
Ова е за 20 милиони помалку од 120 милиони кои беа побарани изминатото лето, на кои од Борусија Дортмунд инсистираа и од кои не отстапија за време на преговорите со Манчестер Јунајтед. Според весникот „Билд“, новата финансиска состојба во услови на пандемија довела до одлука на Борусија да ја намали цената на еден од нивните двајца најдобри фудбалери. Загубите на германскиот клуб веќе изнесуваат околу 75 милиони евра и со продажбата на Санчо газдите на клубот сакаат да ги покријат овие долгови.
Втората причина за намалувањето на цената е опаѓачката форма на Санчо во првата половина од сезоната. Според „Мирор“ и „Сан“, новата цена е добра вест за Манчестер Јунајтед, кој ќе го обнови интересот за Санчо следното лето.

