Италијанскиот тим Милан на својата официјална веб-страница објави дека младиот шпански талент Браим Дијаз ќе продолжи да го носи дресот на „росонерите“ уште најмалку 2 сезони.
Офанзивниот играч за врска ќе остане на „Сан Сиро“ до 30 јуни 2023 година. Тој ќе продолжи да игра во Милан како позајмен од шпанскиот гигант Реал Мадрид.
Во зделката меѓу двата европски гиганти постои опција Милан да го купи, како и клаузула која им дава право на Реал Мадрид да го вратат играчот. Според новинарот Фабрицио Романо, Реал Мадрид ќе добие 3 милиони евра за позајмицата на фудбалерот, а опцијата за купување вреди 22 милиони евра. Клаузулата за обратно откупување изнесува 27 милиони евра.
Браим Дијаз, кој полни 22 години на почетокот на август, во новата сезона ќе го носи дресот со број 10 на грбот. Во сезоната 2020/21, тој постигна 7 голови на 39 натпревари во сите натпреварувања за Милан.