Фудбалерите на Бразил се пласираа во полуфиналето на Копа Америка, но дури по подобро изведување на пенали во дуелот против селекцијата на Парагвај.
Домаќинот Бразил мораше преку пенали да го елиминира Парагвај со 4:3, откако натпреварот на „Гремио Арена“ во Порто Алегре заврши без голови (0-0). Бразил беше доминантен во текот на целиот натпревар, но избраниците на селекторот Тите не успеаа да го најдат патот кон голот на Парагвај и покрај бројните шанси кои ги имаа.
Во 58. минута главниот судија Роберто Тобар покажа на белата точка по стартот на Балбуена над Габриел Жесус, но по прегледувањето на ВАР-снимката ја смени својата одлука. На големо изненадување прекршокот го извади надвор од казнениот простор, а парагвајскиот дефанзивец доби директен црвен картон. Со човек повеќе Бразил беше доминантен. Шанси имаа Евертон, Кутињо, Дани Алвес од слободен удар, но голманот Роберто Фернандез едноставно беше несовладлив.
Во пенал серијата Алисон го одбрани пеналот на Гомез. Сепак, Фирмино го промаши голот во четвртата серија и резултатот беше израмнет. Но, сепка ударот на Дерлиз Гонзалез беше решавачки затоа што тој не го погоди голот, а Габриел Жесус со гол во петтата серија го одведе Бразил меѓу четирите најдобри на Копа Америка. Кој ќе биде противник на Бразил во првото полуфинале ќе дознаеме по мечот меѓу Аргентина и Венецуела