Фудбалскиот клуб Брегалница од Штип донесе одлука за прекин на соработката со стручниот штаб, предводен од тренерот Никола Кузманов.
Од штипскиот клуб официјално потврдија дека Управата го прекинала професионалниот ангажман на Кузманов и неговите соработници, без да ги наведат конкретните причини за одлуката.
Сепак, промената на клупата доаѓа по двата последователни порази на Брегалница – најпрво од Струга, а потоа и од Шкендија Арачиново. Очигледно, резултатите во последниот период биле доволен сигнал за Управата да реагира.
Од клубот му се заблагодарија на Кузманов и неговиот стручен штаб за досегашниот ангажман, посветеноста, трудот и придонесот во клубот.
Брегалница сега ќе мора да најде ново тренерско решение, а од клубот најавија дека навремено ќе ја информираат јавноста за составот на новиот стручен штаб.

