Поранешниот голман на репрезентацијата на Италија и Јувентус, Џанлуиџи Буфон, може да оди во Аталанта, објави „Скај Спорт Италија“. Откако стана јасно дека голманот нема да го обнови договорот со ПСЖ беше најавено негово враќање во Италија.
Имаше информации дека 41-годишниот фудбалер добил понуда од Бреша, која се врати во Серија „А“. Исто така, италијанските медиуми тврдеа дека Буфон има опции да ја продолжи кариерата во Лацио или Џенова.
Покрај тоа, беше објавено дека приоритетната опција за голманот е да се врати во Парма, од каде што ја започна кариерата. Сепак последните информации велат дека Буфон има опција да игра во Бергамо во дресот на Аталанта која оваа година ќе игра во Лигата на шампионите.
Минатата сезона, голманот одигра 25 натпревари за ПСЖ и притоа прими 25 гола. Парижаните одлучија да не го продолжат договорот со ветеранот, кој завршуваше по крајот на сезоната.