Ѕвездата на Арсенал, Букајо Сака нема да биде дел од репрезентацијата на Англија за натпреварите против Австралија и Италија.
Крилниот напаѓач заработи повреда на минатонеделниот дуел со Ленс, а потоа го пропушти дербито со Манчестер Сити во неделата. Сепак, Герет Саутгејт го вклучи во проширениот список од 26 играчи. Откако вчера беше прегледан од медицинскиот персонал на Англија, Сака е ослободен од обврски кон репрезентацијата. Фудбалската асоцијација на Англија соопшти дека на негово место нема да биде повикан друг играч.
Англија игра со Австралија на 13 октомври и е домаќин на Италија во европските квалификации четири дена подоцна. Сака најверојатно ќе биде подготвен за натпреварите на Арсенал по репрезентативната пауза. Неговото отсуство ја прекина серијата од 87 последователни натпревари во Премиер лигата во кои Англичанецот постојано играше за Арсенал.