Фудбалерите на Барселона беа поразени на гостувањето кај Баерн Минхен (2:0), во дуел од второто коло на Лигата на шампионите.
Каталонците се надеваа дека ќе направат изненадување, меѓутоа домаќинот на „Алијанц Арена“ со два брзи гола го реши натпреварот.
Сепак, во Барселона има за што да жалат, бидејќи имаа доста шанси, а токму таков е ставот и на тренерот Чави Хернандез.
„Направивме шест или седум добри гол шанси, но ги промашивме и Баерн го искористи тоа и не казни. Се натпреварувавме, игравме добро и ако погодевме, исходот можеше да биде поинаков. Ова е Лига на шампиони, мора да си на максимум и да не дозволиш грешки. Поразот е чекор назад во оваа група. Дојдовме тука со амбиции да победиме, мора да учиме од грешките. Мислам дека одигравме добар натпревар, дури на ниво за победа, не за реми“, изјави Чави по натпреварот.
Во следното коло кое се игра на 4.октомври Барселона гостува кај Интер, а Баерн ќе ја пречека Викторија Плзен.