Александар Чеферин доби нов мандат како претседател на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА). 55-годишниот Словенец беше единствениот кандидат за претседател на 47. Конгрес на УЕФА во Лисабон.
Како и Џани Инфантино на чело на ФИФА минатиот месец, така и Александар Чеферин доби нов мандат и ќе ја води една од најсилните спортски организации во светот до 2027 година, период кога европскиот фудбал ќе претрпи одредени реформи.
Поранешниот адвокат дојде на чело на УЕФА во 2016 година по принудното повлекување на Мишел Платини, кој доби забрана за фудбалски активности поради финансиски злоупотреби. Во својот прв мандат, Чеферин беше избран во септември 2016 година и го победи својот ривал, Холанѓанецот Мишел ван Праг. На вториот конгрес, три години подоцна, тој немаше противник. Истото сценарио ќе се случи и денеска кога ќе го започне новиот мандат.