Челзи го потврди потписот со крилниот напаѓач на ПСВ Ајндховен, Нони Мудиеке, соопштија од клубот. „Сините“ ќе платат околу 35 милиони фунти за крилниот напаѓач.
Така, од „Стемфорд Бриџ“ само во јануари веќе потрошиле околу 189 милиони фунти, а ова е во прилог на инвестициите од летото кога се потрошени уште 280 милиони фунти. Мудиеке потпиша договор на седум и пол години до 2030 година. Тој им се придружува на Михаило Мудрик, Давид Датро Фофана, Андреј Сантош и Беноа Бадијашил, кои беа донесени од почетокот на јануари.
„Навистина сум задоволен што потпишав со еден од најдобрите клубови во светот. Да се вратам во Англија и да играм во Премиер лигата е сон, и за мене и за моето семејство. Едвај чекам да започнам. Возбуден сум поради тоа што носи иднината, визијата на сопственикот за иднината, како и да бидам во ваков клуб и да победувам на највисоко ниво“, изјави самиот Мудиеке.