Сенегалскиот фудбалер Калиду Кулибали од италијанскиот прволигаш Наполи се пресели во англискиот Челзи со кој потпиша четиригодишен договор.
Како што потврдија денеска од лондонскиот клуб, 31-годишниот капитен на Сенегал, кој со националниот тим на почетокот на годината стана африкански шампион, е второто летно засилување на „сините“.
Сенегалскиот дефанзивец последните осум сезони ги мина во Наполи, тимот со кој го освои Купот на Италија во 2020 година, а претходно настапуваше и за Мец и Генк. Договорот со лондончани е вреден околу 32 милиони фунти (37,6 милиони евра).
„Многу сум среќен што му се приклучив на Челзи. Секогаш ми беше сон да играм во Премиер лигата“, изјави Кулибали.

