Бранителот на трофејот во Лигата на шампионите, Реал Мадрид му гостува на Челзи во реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Избраниците на Карло Анчелоти имаат добра предност од 2:0 и се фаворити за пласман понатаму. Пред една недела имаа одличен настап против овој противник и победија по головите на Карим Бензема (21′) и Марко Асенсио (74′).
Барем на хартија, Челзи е аутсајдер и поради нивната неубедлива форма, откако загуби четири од последните пет натпревари во сите натпреварувања. Досега, назначувањето на Френк Лампард за менаџер не доведе до промена во играта. На друга страна се Шпанците – четири победи во изминатите пет натпревари.
Сепак, Челзи не треба да се отпише бидејќи пред само една година во ова време, тимот беше на работ на сензационален пресврт во вкупниот резултат. Тогаш двата тима повторно беа ривали во оваа фаза од ЛШ, а Реал Мадрид во првиот меч на „Стемфорд Бриџ“ победи со 3:1. Во реваншот на Бернабеу, сините победија со 3:1 во регуларниот дел од мечот. Сепак, Реал Мадрид постигна гол во продолжението и се пласираа во полуфинале, за да подоцна го освојат трофејот.
Сега Лампард нема да може да се потпре на Бен Чилвел, кој доби црвен картон на првиот натпревар. Поради повреда од истиот меч надвор од теренот е и Калиду Кулибали. Новото дефанзивно засилување Беноа Бадијашил не е пријавен за Лигата на шампионите. Каи Хаверц е под знак прашалник поради болки во коленото.
Анчелоти нема такви проблеми, Ферланд Менди е единствениот отсутен, но тимот одамна е навикнат да игра без него. Тони Крос, Винисиус Жуниор, Едуардо Камавинга и Лука Модриќ беа одморени во последниот натпревар, при што првите двајца не беа ни во составот, а Французинот и Хрватот одиграа само по неколку минути.
Победникот од оваа двојка во полуфиналето ќе игра против Манчестер Сити или Баерн (Минхен). На овој дуел англискиот тим има водство од 3:0.
Можни состави:
Челзи: Аризабалага, Фофана, Т.Силва, Чалоба, Џејмс, Канте, Фернандез, Кукурела, Мудрик, Хавертц и Стирлинг.
Реал Мадрид: Куртоа, Карвахал, Милитао, Алаба, Камавинга, Модриќ, Крос, Валвереде, Родриго, Бензема и Винисиус Жуниор.
Судија: Даниеле Орсато (Италија)
Стадион: „Стемфорд Бриџ“