Челзи нема намера да прекине со купувањето на нови играчи откако ќе го привлече напаѓачот на Интер, Ромелу Лукаку.
Белгиецот е многу блиску до потпис со „сините“ откако вчера пристигна во Лондон за да ја помине втората серија лекарски прегледи и да го потпише својот официјален договор со клубот. Челзи за него ќе плати сериозна сума од 115 милиони евра. Сепак, тие планираат да донесат уште најмалку тројца играчи на „Стемфорд Бриџ“ за да го засилат својот состав и да ја нападнат титулата во Премиер лигата, пренесува „Дејли Експрес“.
Првата задача на Томас Тухел е да ја засили одбраната, а за оваа цел се очекува во клубот да пристигне Жил Кунде од Севиља. Двата клуба веќе преговараат, но се уште не можат да се договорат за цената на играчот.
Друг играч кој беше цел на лондончани е играчот од средниот ред на Вест Хем, Деклан Рајс. 22-годишниот англиски репрезентативец веќе долго време е во плановите на „сините“, кои ќе направат се што е можно за да го донесат во своите редови до крајот на преодниот рок. Последниот играч вклучен во трансфер плановите на Челзи е крилото на Виљареал, Алфонсо Педраза. 25-годишникот може да биде успешен и напред и во улога на лев бек, па затоа се очекува добро да се вклопи во шемата на Томас Тухел.