Челзи е подготвен да го привлече младиот италијански дефанзивец од екипата на Јувентус Матија Калдара, тврди „Corriere della Sera“.
„Сините” размислуваат да се вклучат во преговорите меѓу Милан и Јувентус за Калдара, кој се очекува да биде вклучен во договорот меѓу двата клуба за Леонардо Бонучи. Спортскиот директор на Јуве Фабио Паратичи разговарал со десната рака на Роман Абрамович Марина Грановскаја за евентуален трансфер на младиот играч во Челзи. Од лондонскиот клуб се подготвени да понудат 40 милиони евра за централниот дефанзивец, со што ќе го натераат Јувентус да не размислува да го разменува Калдара за Бонучи.
Во исто време продолжуваат да течат преговорите меѓу Милан и Јувентус за аргентинскиот напаѓач Гонзало Игуаин. Вчера италијанските медиуми објавија дека е прашање на време Калдара и Игуаин да отпатуваат во Милано, земајќи го Леонардо Бонучи во спротивна насока. Се очекува аргентинскиот напаѓач да биде испратен во Милан на позајмица, а за тоа „росонерите” ќе мора да платат 15 милиони евра за сезона.