Раководството на фудбалскиот состав, Манчестер Јунајтед, сака да назначи спортски директор пред крајот на сезоната, соопштува – „Индипендент“.
Сопствениците од семејството Глејзер и потпретседателот на клубот, Ед Вудворд, се определиле за такво решение бидејќи сакаат човекот кој ќе ја преземе таа должност да биде дел од процесот на назначување на новиот менаџер. Фаворити за таа позиција се Пол Мичел, кој ја има таа должност во германскиот состав, Ред Бул Лајпциг како и поранешниот играч на „црвените ѓаволи“, Едвин ван дер Сар, кој е извршен директор на холандскиот тим Ајакс.
Познато е дека по заминувањето на Жозе Мурињо, на клупата на Манчестер Јунајтед седна Оле Гунар Солскјер кој направи фантастична серија на победи. Норвежанецот ја има улогата на времен тренер.