Македонската фудбалска репрезентација, вечерва на Националната Арена „Филип Втори“ го почнува новиот циклус квалификации за пласман на ЕП 2020. Пред домашна публика, момците на Игор Ангеловски од 20:45 часот против Летонија ќе атакуваат на првите три бода во групата, во која заедно со нас се и Израел, Словенија, Австрија и Полска.
„Очекувам да бидеме на она ниво кое бевме во минатите натпревари. Да одиграме максимално и да оствариме победа. Ние сме подготовени. Јас кажав дека е задоволство да се работи со овие момци, и најдоброто издание го очекувам во следните натпревари. Длабоко верувам во нив и допрва од нив ги очекувам најдобрите натпревари“, потенцираше пред мечот Ангеловски.
Вечерва посебен јубилеј има капитенот Горан Пандев кој ќе го одигра 100-от меч во дресот со националниот грб.